Ново научно откритие нуди надеж за лекување дијабетес со регенерирани клетки коишто произведуваат инсулин, имитирајќи ги природните функции.

Луѓето кои страдаат од дијабетес имаат проблем со неправилно функционирање на панкреасот. Затоа, за да се регулира неговата работа, односно нивото на инсулин во крвта, најчесто мора да консумираат вештачки замени во облик на таблети или инјекции. Но, неодамнешните испитувања покажаа напредок во обновувањето на клетките што создаваат инсулин во панкреасот. Предводени од научниците од австралискиот Институт за срце и дијабетес „Бејкер“, во истражувањето се користени лекови одобрени од американската Федерална администрација за лекови (ФДА) коишто се насочуваат кон ензимот ЕЗХ-2 за да ги стимулира прогениторните дуктални клетки на панкреасот.

Поттикнувањето на ЕЗХ-2 е од суштинско значење за потенцијалот за регенерација на бета-клетките, според авторите. Научниот труд е објавен во списанието „Сигнал трансдакшн енд таргетед терапи“ (Signal Transduction and Targeted Therapy).

Дукталните клетки одговорни за обложување на каналите на панкреасот, при испитувањата биле поттикнати да ја имитираат функцијата на дефицитарните бета-клетки кај луѓе со дијабетес тип 1. А пак, ГСК-126 и Таземетостат - два инхибитори на мали молекули коишто веќе се одобрени за третман на рак, биле клучни за ублажување на ограничувањето што го наметнува ензимот ЕЗХ-2, дозволувајќи им на дукталните клетки да развијат функции слични на оние на бета-клетките.

Овој иновативен пристап се однесува на автоимуното уништување на бета-клетките кај дијабетес тип 1, каде што управувањето со инсулинот и гликозата се потпира на редовни инјекции. Важно - регенерираните клетки покажаа способност да чувствуваат гликоза, прилагодувајќи го лачењето инсулин.

Тестовите, кои користеа примероци од ткиво од 56-годишници без дијабетес и луѓе од најразлична возраст со дијабетес тип 1, открија конзистентни резултати. Охрабрувачки, нормалното лачење инсулин продолжи во рок од 48 часа по стимулацијата.

Се проценува дека околу 422 милиони луѓе во светот имаат дијабетес, па ваков и слични лекови би можеле многу да им го олеснат животот. Иако клиничките испитувања допрва треба да се спроведат, гореспоменатото истражување претставува потенцијален начин за обновување на телесните функции погодени од дијабетесот.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/01/2024 05:01