Медицинскиот хеликоптер имаше многу работа на денешниот втор тренинг на спуст патеката во австрискиот центар Кицбил на која двајца скијачи доживеаја тежок пад и мораа да бидат пренесени во болница.

Израелскиот скијач Барнабас Шолос доживеа тежок пад по само десет секунди минати на патеката Штрејф во Кицбил, при што со главата удри во замрзнатата подлога и притоа ја загуби кацигата и заврши во заштитната ограда.

На 25-годишниот израелскиот скијач долго време му беше укажувана помош на патеката по што со хеликоптер беше пренесен во болница. Засега нема информации за неговата здравствена состојба.

Со повреди мина и швајцарскиот претставник Реми Куше, внук на прославениот скијач Дидие Куше, кој со пет победи е рекордер во спуст трките од Светскиот куп во Кицбил. Поради инцидентот Реми Куше мораше да го прекине своето возење, а според говорот на телото, најверојатно станува збор за повреда на коленото. И тој со хеликоптер беше пренесен во болница.

Денешниот тренинг во Кицбил не успеа да го заврши и австрискиот скијач Стефан Бабински, кој излета од патеката и заврши во заштитната ограда, но немаше потреба од лекарска интервенција



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2024 04:42