Во Скопје од утре до недела ќе се одржи Европско првенство во пинг-понг за играчи до 21 година. Во СЦ „Јане Сандански“ се е подготвено за овој голем спортски настан да помине во најдобра ред.

Агенција за млади и спорт по традиција дава безрезервна поддршка за организаторите на меѓународните турнири кои се одржуваат во нашата држава. Директорот на АМС Наумче Мојсоски ги повика и останатите „помали“ федерации да го следат примерот на Пингпонгарската федерација.

- Македонија за прв пат ќе биде домаќин на едно вакво првенство. Ова ќе биде прв ваков настан по многу години организиран од помалите федерации. Оваа федерација покажа дека посветено работи, вложува во клубовите. Нас како агенција и мене како директор на АМС ми дава за право да им се заблагодарам на луѓето од Пингпонгарската федерацијата за вложениот труд и покажаните резултати. Со нивната организираност покажавме дека можеме да аплицираме и за поголеми натпревари, во иднина и сениорско првенство. Ние како АМС стоиме зад секој проект на федерацијата. Ова што они го прават да биде мотив плус за другите федерации да почнат и тие да организираат големи натпревари. Секое учество на големо натпреварување е многу значајно за напредокот на самите спортисти, рече Мојсовски на денешната прес-конференција.

На Европското првенство во Скопје своето присуство го потврдија повеќе од 120 пингопнари од 31 држава.

Претседателот на Пингпонгарската федерација на Северна Македонија, Горан Тиловски се заблагодари за поддршката од АМС и кажа дека подготвено го дочекуваат стартот на првенството.

- Кремот на европскиот пинг-понг е дојден во Скопје. Нашата држава ќе биде домаќин на еден убав спортски настан. Имаме огромна одговорност да ја оправдаме довербата. Оваа организација не е доделена случајно, туку е резултат на нашата посветена работа. Верувам дека во иднина ќе добиеме и организација на турнир во сениорска конкуренција, рече Тиловски.

Од македонските пингпонгари на Европското првенство ќе настапат Фани Јовановска, Изабела Ковачевска, Лука Стојчев и Александар Јакимовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/01/2024 14:06