Актуелниот младински првак до 14 години, шахистот на Алкалоид, Кирил Николовски го освои второто место на меѓународниот Отворен турнир во Параќин, каде што настапуваше на „Б“ турнирот за играчи со рејтинг до 2.000 поени.

Николовски со пет победи и четири реми од девет партии, се најде на делба на второто место заедно со кинеската шахистка Јункинг Жао, која претходно ја победи во директен дуел. Николовски беше најуспешен од шест македонски претставници кои учествуваа на овој турнир.

Пред турнирот во Параќин, Србија, ШК Алкалоид на своите млади членови им организираше подготвителни активности (кампови) во клупските простории во центарот на Скопје.

- Ова се младинци кои веќе се во шаховските води повеќе од пет години и имаат поминато голем број на тренинзи и едукации, па во однос на програмата за работа главен акцент беше ставен во анализата на сложените позиции. Факторите за оценување на позицијата во такви услови подразбираат континуирано барање на одговори за прашањата кои се наметнуваат при одредени структури. Работевме четири дена и сметам дека поставивме добра база за унапредување на играта низ подлабоки анализи и владеење со позициите, како и реализација на предност во завршници, изјави велемајсторот Трајко Недев, кој работеше со постарите јуниори.

Покрај него предавачи на камповите беа и лиценцираните ФИДЕ тренери, велемајсторите Звонко Станојоски, Драгољуб Јаќимовиќ и Влатко Богдановски, како и интернационалниот мајстор Дејан Стојановски.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/01/2024 15:34