Пикерот Милан Лазаревски ќе остане во Вардар најмалку до 2026 година откако и официјално го продолжи договорот со „црвено-црните“. Повеќекратниот македонски првак и македонскиот репрезентативец соработуваат две години, а клубот беше задоволен од настапите и двете страни брзо се договорија за продолжување на верноста.
Лазаревски кој за две седмици ќе го прослави својот 27 роденден, сезонава е еден од предводниците во тимот, и со своите игри се наметна и во македонската репрезентацијата. Настапи на Европското првенство што се одржува во Германија.
- Верувам во овој проект, во клубот во кој сум сега, и драго ми е што ќе останам и понатаму дел од Вардар. Ова е место што овозможува голема индивидуална и колективна надградба на сите играчи. Благодарен сум за довербата и вниманието што го добивам од стручниот штаб и управата на клубот. Овој тим што сега го има Вардар допрва ќе го покаже своето вистинско лице. Мое е задоволството што ќе бидат дел од таа приказна, изјави Лазаревски.
Извршниот директор на Вардар, Борко Ристовски изрази задоволство од потпишувањето на новиот договор со Лазаревски.
- Драго ми е што тој го препозна она што ние го работиме во клубот, и сигурен сум дека заеднички ќе ги оствариме сите наши зацртани цели за оваа сезона. Можам да потврдам дека 90 отсто од играчите имаат долгогодишни договори, што укажува дека сакаме да бидеме стабилен тим и да го смениме сегашниот начинот на функционирање на клубовите во Македонија, и Вардар да биде позитивен пример за градење на долгорочни проекти, истакна Ристовски.
Во пролетниот дел од сезоната, во разигрувањето за титулата Вардар ќе стартува со три бода, и пред себе ќе има уште 14 кола, во обид за враќање на титулата, и за задржување на титулата во Купот на Македонија.