Босанскиот репрезентативец, Харис Делалиќ е новото засилување за МЗТ Скопје Аеродром за вториот дел од сезоната, откако денеска потпиша договор со македонскиот кошаркарски првак со важност до крајот на сезоната.

Дваесетидеветгодишниот Делалиќ, висок 203 сантиметри, доаѓа од таборот на Игокеа, каде изминативе две сезони настапуваше во АБА-лигата. Кариерата ја почна во поранешниот европски шампион Босна, а настапуваше и за Челик Зеница, Слобода Тузла, како и белгиските прволигаши Шарлоа и Леувен.

Делалиќ веќе е пристигнат во Скопје и вечерва ќе ги бодри новите соиграчи од трибините на вечното дерби против Работнички, додека од утре ќе му се стави на располагање на тренерот Васко Атанасов, соопшти МЗТ.

Неговото деби во сино-белиот дрес се очекува на претстојниот турнир од АБА2, кој ќе се одржи во Нови Сад, од 29 јануари и 4 февруари, а МЗТ Скопје Аеродром за противници ќе ги има Шенчур, Шибенка и Војводина.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/01/2024 02:10