Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс, по рекорден 20. пат ќе настапи на Ол-стар натпреварот и како капитен на екипата на Западот ќе игра против ѕвездата на Милвоки, Јанис Адетокумбо, кој ќе го предводи Истокот на 18 февруари во Индијанаполис, објави синоќа НБА лигата.
Џејмс, кој на 30 декември го прослави својот 39. роденден, со 20-от избор за Ол-стар натпреварот во својата 21. НБА сезона го надмина рекордот кој го држеше уште една легенда на ЛА Лејкерс, Карим Абдул – Џабар.
Во екипата на Западот се избрани и Кевин Дурант (Феникс), Никола Јокиќ (Денвер), Лука Дончиќ (Далас) и Шај Гилџис Александер (Оклахома).
Во првата петорка на Истокот предводена од Адетокумбо се најдоа и неговиот соиграч Дамиан Лилард, Џоел Ембид (Филаделфија), Џејсон Татјум (Бостон) и Тајрес Халибартон (Индијана).
НБА на 1 февруари ќе ги објави резервните играчи кои ќе бидат избрани од тренерите.