Италијанскиот тенисер Јаник Синер изјави оти е пресреќен поради пласманот во своето прво грен – слем финале до кое дојде по денешниот триумф во полуфиналето на Австралија Опен над Србинот Новак Ѓоковиќ.
Синер, кој со 22 години стана најмладиот финалист во историјата на Австралија Опен, го совлада десеткратниот освојувач на титулата во Мелбурн по три часа и 22 минути игра со 3-1 во сетови.
„Беше многу, многу тешко. Имав чувство дека (Ѓоковиќ) не се чувствува пријатно на теренот и продолжив да се трудам. Се обидов да се подготвам за четвртиот сет, кој навистина го започнав многу добро. Убаво е кога имате ваков играч од спротивната страна од кој можете многу да научите. Многу научив од поразите (од Ѓоковиќ) на Вимблдон и тоа е дел од процесот‘, изјави Синер на прес – конференцијата по првото полуфинале во Мелбурн.
За Ѓоковиќ ова беше прв пораз по серијата од 33 победи во Мелбурн, каде до денешниот дуел последен пат загуби во 2018 година од Чунг Хи Јон од Јужна Кореја.
Противник на Синер во неделното финале ќе биде победникот од денешниот втор полуфинален дуел меѓу Русинот Данил Медведев (АТП-3) и Германецот Александер Зверев (АТП-6).