Руската натпреварувачка во уметничко лизгање Камила Валиева доби четиригодишна суспензија поради допинг, објави денеска Спортскиот арбитражен суд, со што на Олимпискиот комитет на Русија му е одземен златниот медал во екипното натпреварување на Зимските олимписки игри 2022 во Пекинг.

„Утврдено е дека Камила Валиева ги прекршила антидопинг правилата и е санкционирана со четиригодишна забрана за настап, почнувајќи од 25 декември 2021 година“, се наведува во соопштението на Судот со седиште во Лозана.

Судот прецизираше дека поништувањето на сите натпреварувачки резултати постигнати од тој датум го вклучуваат и златниот медал во екипна конкуренција на Игрите во 2022.

Валиева на руското државно првенство во декември 2021 година беше позитивна на триметазидин, лек познат под името TZL, кој се користи за лекување ангина и други болести поврзани со срцето. Нејзиниот тим тогаш образложи дека позитивниот наод би можел да биде последица на замена на лекарствата кои нејзиниот дедо ги користел за срцева болест.

На Игрите во Пекинг, 15-годишната Валиева беше дел од рускиот тим, кој победи на екипниот натпревар, а тинејџерката стана прва уметничка лизгачка во историјата, која изведе четирискок.

Меѓународниот олимписки комитет за време на Игрите во Пекинг одлучи да не додели медалите во екипна конкуренција додека не биде решен случајот со Валиева.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2024 22:38