Екипата на Барселона на својата интернет страница официјално објави дека постигнала договор со Рики Рубио до крајот на сезоната. За враќањето на светскиот и европски шампион кај Каталонците се зборува веќе извесно време, а тој тренираше со тимот во последните недели. Сега тој е пријавен во Лига Ендеса и Евролига, но од клубот известуваат дека самиот играч ќе одлучи кога ќе се врати на теренот.
Рубио имаше психички проблеми кои ја завршија неговата 13-годишна НБА кариера, но сега е во последната фаза од закрепнувањето.
Триесет и три годишниот плејмејкер ги мина последните 13 години во НБА, каде одигра скоро 700 натпревари и имаше просек од 10,8 поени, 4,1 скока и 7,4 асистенции со Минесота, Јута, Феникс и Кливленд. Рубио остави најголема трага во Минесота, со „волците“ одигра 421 натпревар и стана втор најдобар додавач во историјата на тимот со 3.424 асистенции (бр. 1 е Кевин Гарнет со 4.216), а исто така е втор по украдени топки со 845 (прв повторно е Гарнет со 1.315).
Пред заминувањето во најсилната лига на светот, Рубио беше дел од Барса две години во периодот од 2009 до 2011 година, а сега ќе го започне вториот престој во редовите на „лос кулес“. Плејмејкерот ја освои Евролигата со Барса во 2010 година, а стана и шампион на Шпанија во 2011 година. Во двете години тој им помогна на Каталонците да го освојат Купот.
Сега главен тренер на Рубио ќе биде Роџер Гримо, со кого беа соиграчи во периодот од 2009 до 2011 година