Европскиот парламент усвои резолуција за изборите во Србија, во која, според финалниот нацрт до кој јавноста имаше пристап, се бара меѓународна истрага и доколку се докаже кражба на изборите, Европската комисија бара се укинат пристапните фондови на Европската Унија за Србија.

Резолуцијата беше усвоена со 461 глас „за“ и 53 „против“. Не гласаа 43 пратеници од 557 кои беа во собраниската сала.

Во резолуцијата, Европскиот парламент ја повикува Европската комисија да испрати експертска мисија во Србија која би ја проценила ситуацијата и на тој начин би ги поставила основите за социјален дијалог кој би ја вратил довербата во институциите, по примерот на „извештаите на Прибе“, кои се напишани во Северна Македонија и Босна и Херцеговина.

Се осудува недостигот на одговор од институциите на сериозните сомнежи за вмешаност на власта во изборни манипулации и злоупотреби, „што резултира со неказнивост и обезбедува континуитет на оваа практика“. Се повикуваат институциите да ги истражат и казнат одговорните за какви било криминални дејствија за време на изборите, како и за напади врз студенти.

Европратениците во резолуцијата повикуваат и на суспензија на финансирањето на Србија од ЕУ доколку српските власти не се подготвени да ги спроведат клучните изборни препораки или ако наодите од истрагата покажуваат дека српските власти биле директно вмешани во изборна кражба.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/02/2024 21:55