По мигрантите, Италија планира да ги донесе затворениците во Албанија. Станува збор за договор како оној со Обединетото кралство, каде осудениците Албанци во Британија ќе ја издржуваат казната во албанските затвори, јавија албанските медиуми.

Веста ја соопштил шефот на Одделот за затворска управа, Џовани Русо, во Комисијата за правда, додека зборувал за пренатрупаноста на затворите во Италија.

-По цена од 34 евра дневно за секој затвореник Албанец во британските затвори, Обединетото Кралство потпиша договор со Албанија за издржување на казната во нивната земја. Ние одлучивме да го направиме истиот договор со некои модификации: да не испраќаме пари во Албанија, туку да нудиме услуги од типот на казнено-поправен дом, рекол тој.

Според него, во италијанските затвори во моментов има 60.814 затвореници, со зголемување од околу 400 затвореници секој месец. Од вкупниот број, над две илјади се албански државјани.

Инаку, со договорот што на 6 ноември минатата година во Рим го потпишаа премиерите Еди Рама и Џорџа Мелони, во Албанија ќе се градат два прифатни центри во околијата Лежа, едниот во пристанишниот град Шнѓин и вториот во Ѓадр, поранешна, сега напуштена воена база. Годишно ќе се прифаќаат по три илјади миграти.

Италијанскот Пратенички дом го одобри предлог-законот за ратификација на договорот меѓу Италија и Албанија и се очекува да го одобри Сенатот.

Во Албанија се очекува ратификација на договорот од страна на законодавниот дом, откако Уставниот суд одлучи дека е во согласност со Уставот.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/02/2024 23:43