ЕУ изразува жалење што убијците на српскиот новинар Славко Чурувија останаа неказнети и 24 години по убиството, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за соседска политика и проширување, Ана Писонеро во одговор на прашање поврзано со пресудата на Апелацискиот суд во Белград за убиството на Чурувија.
- Ги повикуваме одговорните институциите да стават крај на неказнивоста и да обезбедат сторителите на ова дело да одговараат. На новинарите треба да им се овозможи средина во која ќе работат сигурно и безбедно, без страв од вознемирување, политички притисоци, цензура и прогонување. Позицијата на ЕУ за ова е многу јасна, додаде Писонеро на денешниот редовен брифинг.
Таа потсети дека Србија неодамна усвои нов закон за медиумите, кој, како што рече, содржи одредени подобрување, нагласувајќи дека ЕУ ќе продолжи да ја следи неговата имплементација.
Портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано во одговор на новинарско прашање во врска со обвинувањата на српскиот претседател Александар Вучиќ изнесени во телевизиско интервју на сметка на весникот „Гардијан“, истакна дека ставот на Европската комисија и на ЕУ генерално е многу јасен кога станува збор за заштита на слободата на медиумите и новинарите и одбрана на нивното право да работат слободно.
- Во однос на секој кој се обидува да квалификува одреден медиуми, тоа повеќе говори за него или неа. За посочената личност, најмногу зборува тоа што го стори неговата администрација за поддршка на квалитетот на новинарството, дозволувајќи инструментите на руската пропаганда и лаги да стапнат на тлото на Србија, рече Стано, додавајќи дека ваквите медиуми се користат за субверзивни активности поврзани со руската илегална агресија врз Украина.
Стано нагласи дека ЕУ стои во одбрана на независните медиуми во ЕУ и надвор од неа и секогаш ќе се залага тие да можат слободно да работат во нивните земји.
- Кога станува збор за слободата на медиумите во Србија, најдобро говори тоа што е наведено за слободата на медиумите во последниот Извештај за напредокот на Србија, додаде Стано.
Во однос на резолуцијата на Европскиот парламент за состојбата во Србија по изборите, Писонеро изјави дека ЕК својот став во однос на изборниот процес во земјата веќе го изнела во изјавите високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.
По ланските избори во Србија за кои опозицијата, но и меѓународните набљудувачи, посочија на сериозни нерегуларности, злоупотреба на јавни средства, медиумска доминација на претседателот Александар Вучиќ, негативна кампања и поттикнување страв, Борел и Вархеји побараа надлежните власти во земјата транспарентно да ги истражат веродостојните извештаи за ваквите наводи.
- Го очекуваме конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР. Очекуваме Србија да ги имплементира препораките од овој извештај што е можно побрзо и ние ќе ја поддржиме во нивната конкретната имплементација, потенцира Писонеро.
Инаку, во денеска усвоената Резолуција на Европскиот парламент се повикува ЕК да испрати експертска мисија во Србија која би ја проценила ситуацијата и на тој начин би ги поставила основите за социјален дијалог кој би ја вратил довербата во институциите, по примерот на „извештаите на Прибе“ во Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
Во текстот се осудува „недостигот на одговор од институциите на сериозните сомнежи за вмешаност на власта во изборни манипулации и злоупотреби, што резултира со неказнивост и обезбедува континуитет на оваа практика“.
Во исто време се повикуваат институциите да ги истражат и казнат одговорните за какви било криминални дејствија за време на изборите, како и за „нападите врз студенти“.
Европратениците во Резолуцијата повикуваат на суспензија на финансиската поддршка за Србија од ЕУ, доколку српските власти „не се подготвени да ги спроведат клучните изборни препораки или ако наодите од истрагата покажуваат дека биле директно вмешани во изборна кражба“.