Албанската полиција, во Тирана разби криминална група за фалсификување американски визи и трговија со луѓе.
-Честитки до Државната полиција за успешната акција денес во соработка со партнерските агенции за спроведување на законот. Во првата фаза од операцијата „The Rogue Son“,е погодена криминална дејност од областа на американска визна измама и шверц со луѓе, приведени се петмина државјани, а по уште еден се трага. Се товарат за сторени кривични дела „измама“, „фалсификување визи, печати и обрасци“ и „помагање за илегално преминување на границите“, објави на Фејсбук, Таулант Бала, министер за внатрешни работи.
Акцијата била реализирана од Одделот за криминалистичка полиција на Албанија и јавното обвинителство на Тирана, во тесна соработка со американските безбедносни служби како и во присуство на Службата за дипломатска безбедност од Амбасадата на САД во Тирана.
- На уапсените им е одреден притвор со судско решение. Главниот осомничен Р.Н. наплатувал по 10.000 евра од различни лица, гарантирајќи дека ќе им набави американски визи за илегална имиграција во САД. Исто така, некои од осомничените користеле и доставувале лажни информации и формулари за да се квалификуваат за одредени категории американски визи. Истрагите продолжуваат за други физички и правни лица и други субјекти вклучени во овие шеми за измама, соопшти полицијата.
Реагираше американската амбасада, која поздравувајќи ја акцијата и одличната соработка со албанските институции, апелираше до граѓаните да аплицираат онлајн, а не преку туристички агенции и консултанти.