Претседателот на францускиот фудбалски првак ПСЖ, Насер Ал – Келаифи, изјави денеска дека клубот ќе го напушти „Паркот на принцовите“ на кој ги игра своите домашни натпревари од 1974 година.
Најавата доаѓа откако градските власти во Париз одбија да го продадат стадионот.
„Со години се обидувавме да го купиме стадионот за сега од Градот да ни соопштат дека не е на продажба. Загубивме многу време во оваа приказна и таа сега за нас е завршена. Сакаме да се дислоцираме од Паркот на принцовите“, рече Ал – Келаифи.
Париската градоначалничка Ане Идалго уште минатата година изјави дека не сака да го продава стадионот, а тој став претходно оваа недела го потврди и Градското собрание.
„Продажба на стадионот е неприфатлива, бидејќи тоа е одлука по која нема враќање назад. Не сакаме да го продаваме париското наследство“, изјави заменикот градоначалник на Париз задолжен за спорт. Пјер Рабадан.