Пратеничката на најголемата опозициска партија во Собранието на Косово, Демократската партија на Косово (ПДК), Блерта Делиу-Кодра ја обвини Владата дека се обидува да изврши контрола врз онлајн медиумите и вели дека со тоа врши напад врз медиумите и слободата на говорот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Делиу-Кодра ја повика Владата да се откаже од предлог-законот за Независниот совет за медиуми (КПМ), кој вчера беше одобрен од собраниската Комисија за администрација и медиуми, оценувајќи дека тој води кон „авторитаризам и цезура“ во државата.
- Тој (предлог-законот) е спротивен на стандардите на Советот на Европа и на ОБСЕ. Обидот на Владата да изврши контрола врз онлајн медиумите е напад врз медиумите и врз слободата на говорот. Опасностите ја надминуваат забраната на слободата на говорот, отворајќи пат за авторитаризам и цезура, изјави Делиу-Кодра на денешната собраниска седница.
Според неа, Владата испраќа порака до меѓународната заедница дека „не сме посветени на зачувување на вредностите за кои долго време работиме“.
- ПДК ја повикува Владата да го повлече овој опасен предлог-закон пред да биде предоцна. Предлог-законот е продолжување на непријателскиот однос на Владата кон медиумите и новинарите, рече Делиу-Кодра, оценувајќи дека Владата сака да го стави под контрола КПМ, со тоа што брпјот на членови од седум, колку што се актуелно, со новиот предлог ќе се зголеми на 11.