Пратеникот од косовската владејачка партија, Движење самоопределување (ВВ), Хаџи Авдили изјави дека санкциите на меѓународната заедница против Косово поради неисполнување на барањата поврзани со ситуацијата на северот на земјата и односите со Србија „немаат влијание“ и „не даваат никако ефект“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Одговарајќи на критиките на неговите колеги од опозицијата во врска со казнените мерки на Европската унија против Косово, Авдили на денешната седница на Парламентот рече дека санкциите се „прилично фиктивни“.
- Овие санкции немаат никаков ефект. Тоа се повеќе фиктивни санкции, бидејќи Косово склучува договори, Косово го посетуваат држави и високи политички фактори кои доаѓаат во Косово и апсолутно овие санкции не се прашања кои директно влијаат врз Косово, рече Авдили.
Тој оцени дека, „како и да е, постигнувањата на Косово се многу поголеми од штетата од санкциите“ што ги споменува опозицијата.
Медиумите во оваа прилика потсетуваат дека премиерот Албин Курти, за разлика од Авдили, пред извесно време, во интервју за јавната телевизија на Словенија, изјави дека Косово страда поради тие мерки.
- Точно е дека страдаме поради овие санкции. Главно нашата бизнис заедница, но и владините служби. На пример, Договорот за стабилизација и асоцијација е замрзнат, иако ние го исполнивме со 69 проценти. Загрозени се и заемите и грантовите, како и финансирањето од фондовите на Европската унија. Сето ова беше прекинато. Затоа, отстранувањето на овие мерки против Косово би било навистина добредојдена и правична одлука на Европската унија, изјави Курти.