Македонскиот олимписки комитет (МОК) и во следните четири години ќе го предводи Даниел Димевски, откако актуелниот претседател беше реизбран на должноста на редовно изборно Собрание одржано вечерва во Скопје.

Димевски, кој беше единствен кандидат за претседател на МОК, доби поддршка од 45 од вкупно присутните 55 претставници на национални спортски федерации и членови на Собранието на МОК со право на глас.Против гласаа осум, а двајца делегати беа воздржани.

На реизборот претходеше неуспешен обид во вторникот за одржување вонредно Собрание на МОК, откако иницијаторите за смена на раководството предводено од Димевски не успеаја да обезбедат кворум. На средбата беа застапени 28 спортски федерации, односно присуствуваа 28 од 61 делегати, тројца помалку од неопходниот број за свикување вонредно Собрание.

„Ова е вистинскиот МОК со сите свои бои и шаренила, со масовна присутност и ова е место каде ќе се креираат идните спортски одлуки“, истакна Димевски во своето обраќање до присутните членови на вечерашното редовно изборно Собрание.

За својата изборна програма Димевски наведе дека е „плод на долгогодишно спортско искуство, голема визија и продолжение на отчетот од првиот мандат“.

Димевски рече дека подготвил „сеопфатна и амбициозна програма“, наведувајќи дека во фокусот ќе бидат инфраструктурни проекти, инвестиции во износ од 700.000 евра во тренерски обуки, како и подготовки за успешна организација на Младинските олимписки игри кои во 2025 година ќе се одржат во Скопје.

Поранешниот прв човек на Кошаркарската федерација на Македонија, Даниел Димевски, застана на чело на МОК во октомври 2020 година, наследувајќи го на должноста долгогодишниот претседател Васил Тупурковски.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2024 04:42