Пред кошаркарската сала „Крипто.ком“ во Лос Анџелес синоќа се одржа свечена церемонија за време на која беше откриен споменик на Коби Брајант, легендарниот американски кошаркар и поранешна ѕвезда на НБА тимот ЛА Лејкерс.
Пред четири години тогаш пензионираниот Брајант загина на 41-годишна возраст во хеликоптерска несреќа заедно со својата ќерка, шест други патници и пилотот во леталото.
Споменикот го изработи скулпторот Џули Ротблат Амрани, а скулптурата го прикажува легендарниот кошаркар со подигнат показалец од десната рака кон небото, алудирајќи на моментот кога во јануари 2006 година го напушташе паркетот откако постигна рекордни 81 поени на натпреварот против Торонто.
На церемонијата на поставувањето на споменикот на Брајант присуствуваа сопственичката на ЛА Лејкерс Џени Бас, НБА легендата Карим Абдул – Џабар, неговиот поранешен тренер Фил Џексон, соиграчот Дерек Фиер и сопругата Ванеса.
„Овој момент не е само за Коби, туку и за сите нас, кои со години го поддржуваме“, рече сопругата Ванеса.
Коби Брајант, еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, пет пати во кариерата беше НБА првак, освојувајќи ги сите пет титули во дресот на ЛА Лејкерс