Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ изјави дека Брисел го зголемува притисокот врз Белград со формален предлог деловите од Охридскиот договор, со кои Србија не се согласи, да се вклучат во преговарачката рамка за членство во Европската Uнија, јави дописникот на МИА од Белград.
-Има обид преку ЕУ и поглавјето 35 на Србија да и се наметне обврска дека доколку сака да стане членка, мора да има таканаречена целосна имплементација на Охридскиот договор и оној дел од договорот со кој не се согласивме. Србија не го потпиша Охридскиот договор, со усната изјава на претседателот на Србија се огради од одредени формулации кои укажуваат дека тоа е некакво признавање на Косово и дека се согласуваме Косово да стане членка на ОН и на други меѓународни организации, рече Дачиќ во изјава за телевизија Пинк.
Тој рече дека српскиот претседател Александар Вучиќ имал аргументиран, остар и одмерен говор на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБСБ) во кој посочил дека косовскиот премиер Албин Курти е закана за мирот и стабилноста.
Тој оцени дека Резолуцијата за изборите во Србија, која вчера беше изгласана во Европскиот парламент, е инструмент за оттргнување на земјата од својата независна политика и е насочена за дополнителен притисок.
-Тоа е политички памфлет од кој нема да имаат корист ниту тие што го побарале, туку ќе предизвика штета, рече Дачиќ.