Речиси девет од десет Грци сметаат дека Владата може да донесе дополнителни мерки за поддршка на општеството во справувањето со поскапувањата, додека пак 62 отсто го оценуваат негативно владиниот став во однос на земјоделците, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Алко“ за телевизијата „Алфа“, јави дописничката на МИА од Атина.
Од анкетираните, 45 отсто рекле дека „воопшто“ не се задоволни од Владата, 28 проценти се „малку“ задоволни, а 25 отсто одговориле позитивно.
Во однос на тоа на што се должат зголемувањата на цените, речиси четворица од десет сметаат дека причината се недоволниот број контроли на пазарот, 29 отсто одговориле дека причината се меѓународните фактори, а за 28 проценти долгогодишните проблеми на грчкиот пазар.
Седум од десет Грци, односно 69 отсто изразуваат незадоволство од ефикасноста на владините мерки за справување со затајувањето на данок
На политичката сцена и во пресрет на европските избори во јуни, Нова демократија е добива 28,2 отсто, ПАСОК и на ова истражување е на второто место со 12,2 проценти, а СИРИЗА е трета со 10,2 отсто.
Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Алко“ за телевизијата „Алфа“, било спроведено од 1 до 7 февруари 2024 година со анкетирано 1.201 лице.