Поранешниот косовски премиер, актуелен пратеник на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Авдула Хоти вели дека синоќешното соочување во Советот за безбедност на Обединетите нации меѓу премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александер Вучиќ, беше „непотребно, непродуктивно и штетно за Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хоти на својата страница на Фејсбук напиша дека синоќа по првпат главните сојузници го критикувале Косово на една расправа во Советот за безбедност и дека се докажало оти некоординираноста на дејствијата со нив „има последици за земјата“.

- Овој пристап на Владата на Курти не им служи на евроатлантските интеграции на Косово. Жалосно е што исправните постапки на Косово, кои ниту еден сојузник не ги оспорува од уставен аспект, ни се враќаат како бумеранг поради опаката политика, во која секое државно дејствување е предмет на моменталниот изборен интерес на партијата на власт, напиша Хоти.

Во СБ на ОН Косово беше критикувано за спроведување на регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК) за забрана на динарот и за тоа што не се зема предвид влијанието на таа регулатива врз српското малцинство во Косово. И покрај тоа, беше поздравено ветувањето од страна на Владата за обезбедување преоден период за нејзино спроведување.

Членовите на СБ побараа Косово и Србија да се обврзат за дијалог и имплементација на договорите, како и да се воздржат од еднострани дејствија кои би можеле да ги зголемат тензиите. Од Србија беше побарано и да ги повика на одговорност оние кои беа вклучени во вооружениот напад во Бањска кај Звечане во септември минатата година.

На состанокот во ОН, свикан од Србија, косовскиот премиер Албин Курти ја бранеше одлуката на ЦБК со која се предвидува единствена валута за готовинско плаќање во Косово да биде еврото, односно се укинува користењето на српскиот динар. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ оваа одлука ја оцени како напад врз српското население во Косово.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2024 18:39