Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, реагираше на изјавата на премиерот Еди Рама за состанокот на Советот за безбедност на ОН за Косово, кој седницата свикана од Србија за динарот ја оцени како бесмислена и ги повика страните да продолжат со дијалогот.

Во реакцијата Баша наведува дека Рама зборува како да е западно ориентиран, но се однесува како свртен кон Истокот, мислејќи и на отфрлањето во парламентот на неговиот амандман со кој тој бараше Албанија да му додели на Косово финансиски средства за воена опрема.

„Зборува како западно ориентиран, а всушност е ориентиран кон истокот. Стратешките сојузници ја третираат безбедноста на Косово како прашање на национална, регионална, европска и евроатлантска безбедност. Само Еди Рама не го смета тоа. Стратешките сојузници ја третираат корупцијата на политичарите и високите функционери во Албанија како закана за нивната национална безбедност. Само Еди Рама не го смета за безбедносно прашање за нашата држава. На Косово не му требаат предавања за демократија од автократ, туку конкретна поддршка“, напиша Баша на платформата Х.

Според него Албанија нема поголема закана за нејзината национална безбедност од „корупцијата која ги убива работните места, ги осиромашува Албанците и ја уништува довербата во институциите и државата“

Барањето Албанија да издвои 50 милиони долари од буџетот за 2024 година за воена помош на Косово беше отфрлено од страна на владејачките социјалисти, на вчерашната седница на парламентот.

Баша, кој смета дека „зауздувањето на Србија е клучно за одржување на мирот и стабилност во целиот регион, а не само на Косово“ и неговите пратеници ја напуштија собраниската сала, оценувајќи го тоа за „срамен и мизерен чин“.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/02/2024 18:52