Николоски исто така додаде дека поделбата на средствата за општините ќе се прави врз основа на бројот на жители и економскиот перформанс на општината, а не според тоа од која политичка партија е градоначалникот.

„Поделбата на средства ќе оди по број на жители и по економски перформанс на општината. Ако на пример, еве во општина Струмица има градоначалник од СДСМ секако дека и таму ќе влезат средства како што ќе влезат и од општина Прилеп. Мислам дека е дојдено време во Македонија, односно да бидам директен, малце е и заминато времето, да престанеме веќе да зборуваме за основни инфраструктурни проекти и еднаш засекогаш тоа да го завршиме и да зборуваме за малку понапредни визии, за концепти за иднината да фатиме чекор со развиениот свет. Да ги завршиме овие прашања во следните 4 години и да можеме да зборуваме за многу побитни работи од типот на брзи пруги, од типот на лесно патно поврзување, од типот на вештачка интелигенција итн. Тоа е иднината и мора да фатиме чекор со иднината, но за да го направиме тоа мора прво да ги средиме општините инфраструктурата и затоа го планираме овој силен инвестициски циклус“, потенцираше Николоски.

Тој исто така додаде дека наместо мешање на централната власт, треба да се остави општините сами да решаваат, бидејќи најдобро си ги знаат проблемите и потребите.

„Мислам дека треба да престане политиката на одлучување, популарно наречено „од Скопје“. Мислам дека многу подобро градоначалникот тука, советот и пратениците знаат кај да ги потрошат парите отколку, ние да седнеме во кабинет во Скопје и да кажеме, мислиме за Прилеп дека е најдобро булевар да се гради, а булеварот на пример не е потребен, туку потребно е нешто друго што градоначалникот ќе одлучи, на пример училиште“, додаде Николоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/02/2024 13:50