Опозицијата денеска на првиот ден од комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година оцени дека се работи за безидеен буџет кој ќе генерира нови долгови и ќе имаме уште една изгубена година на економски план.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека фискалната политика што ја предлага власта во Буџетот за 2025 година ќе ја уништи финансиската стабилност на земјата. Во Предлог-буџетот, според Филипче, има проектирано нереални високи стапки за економскиот раст кои не се ништо друго освен изговор за планираната зголемена буџетска дупка и нови задолжувања. Според лидерот на СДСМ, од ветувањата на Владата, нема ништо.
- Владата предвидува раст на БДП од 3,7 проценти за 2025 година. Народната банка го проектираше растот на 3,3 проценти, а Светската банка е уште попесимистична со 2,5 проценти. Буџетскиот дефицит е поставен на 4 проценти од БДП, што директно го нарушува Законот за буџетите. И ова мора да биде јасно, таквиот пристап не значи развој. Тоа значи дека Владата планира да троши повеќе отколку што заработува. И кој ќе го враќа тој долг? Ќе ги зголемиме ли даноците? Ќе ги скратиме ли јавните услуги? Ќе се задолжуваме?, праша Филипче.
Според Филипче, во Предлог-буџетот нема развојни проекти, се води нефер политика со домашните компании и нема никаква визија за енергетската независност на државата.
- Пред некој ден премиерот Мицкоски најави гасна когенеративна централа со која ќе се намали загадувањето. Министерке, Ве прашувам: Каде се овие гасни централи во буџетот? Во која ставка се алоцирани овие средства? Да Ве потсетам, во буџетот што Вие го браните овде, во делот на енергетиката има помалку предвидени средства за развој на енергетиката од 406.331 на 243.100 милиони денари. Но, затоа имате предвидено повеќе средства за искористување на природните ресурси, потенцираше Филипче.
Упати критика и за планирањето на буџетските средства во Министерството за животна средина каде што, како што потенцираше, повеќе средства се одвојуваат за плати и вработувања, отоколку за заштита на животната средина.
- Заштита на животната средина, намалување од 611.387 на 442.065 милиони денари, или намалување од 27,7 проценти, за квалитет на воздух, намалување од 46.415 на 22.771 милиони денари, или намалување од 51 процент. Тука не се правдајте со донации од надвор, прашањето е: зошто Владата не издвојува повеќе средства за решавање на овој горлив проблем“, праша Филипче.