Србија мора што поскоро да биде примена во Европската унија, оти во спротивно Белград ќе избере соработка со други партнери, а Брисел ќе ја загуби оваа земја, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, јави дописникот на МИА од Белград.
-Мораме да ја завршиме старата задача за проширување пред да започнеме со новото проширување со Украина. Ако Србија не ја интегрираме што поскоро, ќе ја изгубиме. Србија има други опции. Само што склучи договор за слободна трговија со Кина, изјави Орбан за австрискиот весник „Пресе“.
Унгарскиот премиер го нарече проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан „главен приоритет“ за Будимпешта за време на нејзиното претседавање со Советот на Европската унија, кое започнува на 1 јули.
Министерот за внатрешна и надворешна трговија на Србија, Томислав Момировиќ и министерот за трговија на Народна Република Кина, Ванг Вентао, потпишаа договор за слободна трговија меѓу двете земји на 17 октомври 2023 година во Пекинг.