Со стих од песна на Колдплеј, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис најави дека концертите на бендот и другите спортски и културни настани пред или кусо по Велигден ќе почнат регуларно да се одржуваат на Олимпискиот стадион (ОАКА) во Атина, кој од крајот на септември е затворен поради проблемите со статичноста на металните конструкции на покривот, јави дописничката на МИА од Атина.

Во денешната неделна објава на Фејсбук, Мицотакис меѓу другото се осврна и на затворениот стадион, најавувајќи дека ќе биде отворен на крајот на март или најдоцна до средината на април, со што концертите на Колдплеј на 8 и 9 јуни ќе се одржат регуларно.

Грчкиот премиер објасни дека се отстранети околу шест отсто од вкупно 5.000 парчиња поликарбонат од кровот на стадионот, додаде дека секој ден се отстрануваат околу 80 парчиња, кои ќе се рециклираат.

-Отстранувањето на поликарбонатот со овој ритам ќе овозможи стадионот повторно да проработи од крајот на март или најдоцна од средината на април. Така, ќе може пред или веднаш по Велигден, регуларно да се одржуваат спортските, но и културните настани вклучувајќи го и концертот на Колдплеј, кој морам да признаам дека и јас го чекам! И да ве потсетам на една нивна песна, And everything's not lost…When you thought that it was over (И не е сè изгубено...Кога помисливте дека е готово), напиша Мицотаис на Фејсбук.

Колдплеј ќе одржи два концерти во Атина, на 8 и 9 јуни, билетите беа експресно распродадени лани летото кога беа соопштени датумите.

Олимпискиот стадион во Атина (ОАКА) беше изграден за Олимпијадата во 2004 година, а на крајот на септември, од безбедносни причини, поради проблемите со статичноста на металните конструкции на покривот, беше затворен на неодредено време за секакви активности.

Освен спортски натпревари, на најголемиот стадион во Грција се одржуваат и концерти и разни манифестации



Автор: Администратор
Објавено на: 11/02/2024 20:08