Бранимир Несторовиќ, пратеник од листата „Ние - гласот на народот“ изјави дека не треба да се дозволи „меѓународна истрага за наводни нерегуларности“ на изборите на 17 декември, туку треба да се повтори гласањето во главниот град на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
Несторовиќ, од чија изборна листа зависи дали СНС и СПС, на кои им фалат двајца одборници за формирање власт во собранието на град Белград и за градоначалник, рече дека оваа листа нема докази дека изборите на 17 декември биле нерегуларни, но дека локалните избори во главниот град треба да се повторат за да се види „што е што“, но и на опозицијата околу Србија против насилството да им се „исфрли од раце“ аргументот за наводна кражба на гласови.
-Изборите во Белград треба да се повторат, овојпат ќе изгубат катастрофално. Со ова ќе им се исфрли од раце аргументот што тврдат дека го имаат. Скоро на сите избирачки места тие ги потпишаа записниците, самите се негираат, но всушност се разочарани што не го освоиjа Белград. Тоа е грдо и лошо за нив, но и за државата, изјави Несторовиќ на телевизија „Прва“.
Тој најави дека одборниците од листата „Ние – гласот на народот“ нема да ја поддржат Српската напредна партија (СНС) во Белград, но додаде дека не знае што се случува со носителот на неговата листа на локалните избори во главниот град Александар Јерковиќ, кој не ја отфрли можноста да го поддржи мнозинството околу СНС.
-Гледам дека изминатите денови отсуствуваше од медиумите, целосно престана да комуницира со нас по изборите и не знам ни за што би зборувале. Знам дека некое време беше во Будимпешта, а потоа во Москва и дека се врати, изјави Несторовиќ.
Тој ја отфрли резолуцијата на Европскиот парламент (ЕП) на барање на „Србија против насилството“ да спроведе меѓународна истрага за наводните нерегуларности во Србија и предложи со ова прашање да се занимава Анкетната комисија на Собранието на Србија, која според него, би можела да биде предводена од претставник на тој опозициски блок.
Тој порача дека Србија треба да се „подготви“ за поништување на бриселските договори.
-Тоа е како камен околу нашиот врат. Ако сакаме по секоја цена да влеземе во ЕУ, не можеме да го сочуваме Косово и Метохија и мислам дека тоа е неприфатливо за повеќето Срби. Што се однесува до ЕУ, не мора да ги прекинеме преговорите, но можеме малку да ги ставиме „на чекање“, бидејќи времето сериозно работи за нас, рече Несторовиќ