Напаѓачот на шпанскиот фудбалски прволигаш Атлетико Мадрид, Алваро Мората (31), го истегна внатрешниот страничен лигамент на десното колено во вчерашниот пораз (0-1) од Севиља, соопшти денеска мадридскиот клуб.

Мората во солзи во 46. минута го напушти теренот, а Атлетико не прецизираше во клупското соопштение колку долго тој ќе отсуствува.

„Претпладнево му беше извршена магнетна резонанца за да се утврди степенот на повредата. Го чека натамошно лекување“, соопшти Атлетико.

Капитенот на шпанската репрезентација сезонава е прв стрелец на Атлетико со 13 голови на 22 натпревари.

Атлетико Мадрид идната недела го пречекува Лас Палмас во рамки на шпанското првенство пред гостувањето во Милано и првиот осминафинален натпревар против Интер во Лигата на шампиони.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2024 02:06