Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци изјави дека неговото Министерство минатата година има потпишано договори за соработка со 15 земји, а нагласи и дека Безбедносните сили на Косово (ФСК) се постојано активни во меѓународната контакт-група во Украина, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во извештајот пред членовите на Комисијата за безбедност на Собранието на Косово, Маќедонци рече дека косовските војници во Украина пружаат поддршка и помош во различни области.
- Континуирано учествуваме во контакт-групата во Украина. Пруживме поддршка за Украина во неколку области. Го понудивме Центарот за пребарување и спасување, поддржавме и со транспорт на помош, рече Маќедонци.
При презентацијата на работата во изминатата година, министерот за одбрана на Косово информира дека 221 припадник на ФСК ја напуштиле службата во текот на изминатата година, а 129 од нив доброволно ја прекинале работата.
Според него, повеќето од нив заминале поради можности кои им се укажале надвор од ФСК, преминувајќи во други институции.
- 221 припадник на ФСК ја прекинаа службата во текот на 2023 година. Повеќето од нив, 129 поради благосостојба, можности надвор од институцијата, како што е преминување во косовската полиција, изјави Маќедонци