Грција, секогаш посветена на меѓународното право, на принципиелната надворешна политика ѝ стои на располагање на Организацијата на Обединетите нации, тоа е нешто што генералниот секретар го цени и секогаш очекува соработка со нас, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис по средбата во Њујорк со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, јави дописничката на МИА од Атина.

Герапетритис рече дека на средбата размениле идеи за сите актуелни прашања и големите кризи во светот.

-Во моментов, за жал, се наоѓаме во состојба на стагнација на Блискиот Исток, Украина, Хаити, Супсахарска Африка. Обединетите нации имаат многу важна улога. Веројатно би требало да го видиме процесот со кој се носат одлуките, кои треба да бидат брзи, ефикасни. Да го даваат неопходното убедување за интегритет, но и за одговорност за оние кои запаѓаат во прекршоци поврзани со меѓународното право, истакна шефот на грчката дипломатија.

На средбата со Гутереш станало збор и за кипарското прашање, посочувајќи дека е важна можноста за разговори меѓу Кипар и заедницата на кипарските Турци.

Додаде дека остануваат цврсто посветени на резолуциите на Советот за безбедност за би-зоналната би-комунална федерација.

-Можноста што се дава треба страните да ја искористат, да седнат на маса за дијалог. Грција ќе ја исцрпи секоја можност, за да можеме да имаме позитивна разврска во кипарското прашање, истакна министерот за надворешни работи на Грција.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2024 15:04