Поранешниот директор на Директоратот за Западен Балкан на Европската комисија, Рајнхард Прибе, кој го предводеше тимот кој во 2015 година во екот на политичката криза во Северна Македонија состави извештај за системските проблеми со владеењето на правото, што резултираше со договор меѓу лидерите на четирите најголеми партии и доведе до формирање на преодна влада и услови за фер избори, изјави дека сето тоа би било невозможно без поддршката на властите во Македонија.
Прибе во контекст на Резолуцијата на ЕП за изборите во Србија, во која се споменува тој извештај, посочува дека српските власти мора сериозно да ги сфатат критиките за организација на декемвриските избори, да „не смеат да го согледаат тоа како непримерно мешање во внатрешните работи на државата“, јави дописникот на МИА од Белград.
Прибе изјави дека Резолуцијата на ЕП е прилично остра и загрижувачка, „бидејќи детално и отворено го критикува спроведувањето на изборите во Србија, и парламентарните и локалните“.
-Тоа е сосема невообичаено. Јас веќе немам официјална работа во ЕУ, затоа не можам да ви одговорам какви ќе бидат другите реакции на европските институции, но убеден сум дека сигурно дека ќе има реакција на европските институции, рече Прибе за Н1.
Тој посочи дека не е првпат во процесот на приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, таа да го критикува спроведувањето на изборите, „тоа на некој начин е дел од задачата на ЕУ, а особено на Европската комисија, да го провери напредокот на земјите на патот на евроинтеграциите, имајќи предвид дека една од вредностите на ЕУ е функционалната демократија и правилното спроведување на изборите“.
-Сега е важно многу конкретно да се процени што е тоа што функционираше, а што не функционираше на изборите во декември, кажа Прибе.
Тој посочи дека прелиминарните заклучоци на ОДИХР се многу важни, „и врз основа на тоа, српските власти треба да работат во две насоки – прво, да проценат да се преземат соодветни мерки во однос на она што не функционирало добро на изборите, и уште поважно, да не се повторат евентуалните нерегуларности на последните избори“.
Тој потсети дека во 2015 и 2019 година се направени три извештаи од група високи правни експерти, во кои е оценето владеењето на правото во Северна Македонија и Босна и Херцеговина, но дека тие не се занимавале со проблеми со правилното водење и организацијата на изборите.
-Одредени наоди од тие извештаи се покажаа како точни, не само во тие земји, туку можат да се применат и за некои други земји од Западен Балкан, оцени тој и додаде дека сега не би доаѓал во Белград поради сличен извештај, бидејќи има постручни од него во ЕУ за оценување на изборите, на прво место го наведе ОДИХР, за кој кажа дека е „центар на експертското познавање за изборите“, како и Венецијанската комисија на Советот на Европа, „што можеби е првото место кое треба да се занимава со овие прашања и српските власти мора сериозно да го сфатат ова прашање, не смеат да го сфатат тоа како непримерно мешање во внатрешните работи“.
-На некој начин, тоа е лакмус тест за Србија за тоа како ќе реагира на критиките, кажа Прибе