Српкиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ денеска изјави дека Грција, членка на ЕУ, благодарение на договорот на претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Грција Киријакос Мицотакис се вклучува во проектот за градење брза пруга од Будимпешта преку Србија и Северна Македонија до Грција, што е историска победа за Западен Балкан бидејќи Европскиот Коридор 10 повторно ќе стане еден од најважните европски коридори, јави дописникот на МИА од Белград.
Весиќ во изминатите неколку дена беше домаќин на својот грчки колега, министерот Христос Стајкурас, со кого патуваше за Нови Сад со брзиот воз „Сокол“ и му ги покажа 76-те километри брза железница која веќе е во функција и како напредуваат работите до Суботица.
- Потпишавме договор со Северна Македонија со кој заеднички ќе настапиме пред ЕУ, да обезбедиме пари за продолжување на брзата пруга до Скопје. Веќе ја градиме пругата од Ниш до Брестовац, а потоа имаме уште 135 километри до Прешево и 50 километри од границата до Скопје, за да имаме пруга Скопје – Ниш – Белград – Суботица – Будимпешта. А од вчера во овој проект е вклучена и Грција, рече Весиќ.
Весиќ изјави дека во мај ќе биде распишан тендер како дел од проектот за изградба на брза железница Белград-Ниш долга 230 километри за втората и третата делница, а до крајот на годината и за првата, проект кој чини 2,7 милијарди евра, од кои 610 милиони евра се грант од ЕУ.
Тој изјави дека во Грција веќе постои пруга која дозволува брзина од 150 километри на час, која ќе ја модернизираат, од Атина до Солун, а ќе се гради и пруга од Солун до Идомени, на грчката граница со Северна Македонија, со должина од околу 70 километри.
- Заедно ќе работиме на поврзување на Солун и Скопје. Со тоа ќе имаме брза пруга од Будимпешта до Атина во должина од 1.512 километри, нагласи министерот Весиќ.
Тој додаде дека со таа пругата од Белград преку Скопје до Солун ќе се патува со брз воз за околу шест часа, без застанување на границите, со сета удобност на возовите, што во голема мера ќе го подобри квалитетот на животот на луѓето, како и дека за 13 часа со брз воз ќе се патува од Унгарија, преку Србија и Северна Македонија, до Грција.
- Луѓето ќе можат побрзо да патуваат, а ние ќе бидеме поврзани со пристаништата Пиреј и Солун, што е најважно за развојот на економијата. Претседателот Вучиќ посочи дека Србија е подготвена да соработува со Грција за закуп на пристаништа во Пиреј и Солун, бидејќи е важно да имаме пристанишни капацитети и за тоа ќе се разговара, но железницата е предуслов за тоа, рече Весиќ.
На вчерашната средба во Белград на претседател Александар Вучиќ со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, Вучиќ кажа дека Србија под покровителство на ЕУ ја гради брзата пруга Белград-Ниш, дека реконструкцијата на делницата кон Брестовац штотуку се завршува и дека ќе се заврши делницата се до границата со Северна Македонија.
- Премиерот Мицотакис ме информираше дека Грција работи и ќе ја заврши брзата пруга до Игуменица и до границата со Северна Македонија и за овој проект нашите министри имаа добри разговори, изјави Вучиќ.
Мицотакис посочи дека со претседателот на Србија разговарал за модернизација на пругата што ги поврзува Солун и Белград, како и за довршување на коридорот што ќе почнува од Пиреј, а ќе завршува во Будимпешта.
- Тоа е од стратешко значење не само за нашата земја, туку и за цела Југоисточна Европа. Во оваа смисла мора да ги искористиме и европските фондови кои се наменети за Западен Балкан. Грција го поттикнува практичното учество на ЕУ во развојот на инфраструктурата на Србија и на сите други земји на полуостровот, нагласи Мицотакис.
Вчера, министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ при презентацијата на развојните проекти на Србија на Српско-грчкиот бизнис форум во Белград, изјави дека Србија планира и изградба на гасовод и нафтовод преку Северна Македонија до Грција до почетокот на специјализираната изложба ЕХПО 2027 година.