Европската унија подготвува нови санкции за кинеските и индиските компании поради нивните врски со Русија, а на листата на „нови имиња“ се наоѓаат и компании во Србија, Шри Ланка, Турција, Тајланд и Казахстан, пишуваат „Фајненшл тајмс“ (ФТ) и РСЕ, јави дописникот на МИА од Белград.

Брисел предлага да се воведат санкции за три кинески компании и една индиска компанија како дел од најновите мерки кои имаат за цел да и зададат удар на „руската воена машина“.

-Доколку биде вклучена во финалната верзија, компанијата „Конекс Доо Београд-Стари Град“ би била првата од Србија што ќе биде вклучена во пакетот санкции на ЕУ поврзани со војната во Украина, соопшти РСЕ.

Според предложените мерки, на европските компании ќе им се забрани бизнис со наведените компании.

Брисел се обидува да спречи какво било заобиколување на наметнатите ограничувања, особено кога станува збор за набавка на електронски компоненти кои би можеле да се пренаменат за употреба во системи за оружје.

-На тој список е соодветно да се вклучат и некои други субјекти во трети земји кои индиректно го поддржуваат рускиот воен и индустриски комплекс тргувајќи со такви компоненти, заедно со неколку руски компании, се наведува во документот, јавуваат медиумите.

Предлогот исто така ќе го забрани извозот и на компоненти за дронови во Русија.

Пакетот санкции, кој се очекува да биде одобрен пред втората годишнина од руската инвазија на Украина на 24 февруари, ќе биде 13-ти усвоен од ЕУ.

На листата на компании под санкции ќе има вкупно 643 компании, доколку предлогот биде усвоен.

-Новите имиња вклучуваат и компании во Шри Ланка, Турција, Тајланд, Србија и Казахстан, пишува ФТ.

Доколку членките на ЕУ го одобрат планот, тоа ќе биде првпат бизнисите во Кина и Индија да бидат погодени од санкциите на ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2024 16:51