Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека визната либерализација за косовските граѓани, која стапи во сила на 1 јануари годинава, го зголеми интересот на косовските Срби за добивање косовски пасоши, а придонесе и за успешна промена на нелегалните српски регистарски таблички со таблички со ознаката РКС (Република Косово), јави дописникот на МИА од Приштина.

Во неговото обраќање на трибината во Лондон, посветена на безбедносните предизвици со кои се соочува Западен Балкан, а во организација на британскиот Кралски институт за меѓународни односи „Чатам Хаус‘ (Chatham House), Курти оцени дека „Србија, со нејзиниот авторитарен режим, го кочи напредокот на целиот регион“.

Според соопштението од неговиот кабинет, косовскиот премиер истакнаl дека „силниот сојуз на Србија со Русија не е само теоретска опасност за Европа и Западен Балкан, туку е реална опасност“ со која регионот „редовно се соочува“.

- Присуството на Русија на Балканот расте преку Србија и во овој контекст договор потпишан меѓу Косово и Србија е поитен од кога било. Непотпишувањето на таков договор е јасен знак за недостиг на добра волја, што е неопходно за да се има правна сигурност и имплементација на она што го договориле страните, додека одбивањето да се потпише договорот значи и дека Србија сака да ја остави отворена опцијата за инвазија на Косово, се цитира Курти во соопштението на владината служба за информирање.

Според него, „безбедноста на Косово и поддршката за него (од ЕУ) се основата врз која земјата може да продолжи да расте“.

- Србија или кој било потенцијален сојузник на Русија, не може да го држи регионот подалеку од ЕУ, бидејќи тоа само би ѝ послужило на Русија и на нејзините напори повторно да го подели континентот. Затоа, потребен е пристап од ЕУ кој промовира мериторно зближување на земјите од регионот во Европската Унија, наместо целиот регион да остане заложник на една земја, порача Курти од форумот насловен „Бура во Западен Балкан – Кои се безбедносните предизвици со кои се соочува регионот?“



Автор: Администратор
Објавено на: 14/02/2024 05:09