Поранешниот косовски премиер, Авдула Хоти изјави дека изјавите на помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави, Џејмс О'Брајан, кој го критикува Косово во врска со укинувањето на српскиот динар за готовинско плаќање во земјата, треба да се земат со голема загриженост, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хоти, кој е актуелен пратеник на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), вели дека оние кои не ги разбираат егзистенцијалните односи на Косово со Соединетите Американски Држави, не заслужуваат да бидат на чело на институциите во Косово.

- Изјавите на американскиот помошник државен секретар треба да се земат со голема загриженост. Односите на Косово со САД се егзистенцијални. Кој не го разбира ова, не заслужува да биде на чело на институциите. Носителите на институциите во државата имаат обврска да ги одржуваат овие неприкосновени односи, напиша Хоти на Фејсбук.

Според поранешниот премиер, во пресрет на годишнината од независноста (17 февруари), Косово треба да добие честитки, наместо укори.

О'Брајан рече дека САД се многу загрижени од одлуката на Централната банка на Косово да не го дозволи користењето на динарот, повикувајќи ја Владата на Албин Курти истата да ја повлече.

Тој рече дека со оваа одлука Владата на Косово го доведе во прашање партнерството со САД.

- Јас не упатувам млаки закани во јавноста. Би рекол дека ако ние не бидеме третирани како партнер, и ние нема да ја третираме Владата на Косово како партнер, изјави вчера О'Брајан во интервју за Гласот на Америка.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/02/2024 23:04