Со порака Владата да го повлече предлог-законот за отворање приватни факултети, како и секој четврток, учениците и студентите и денеска во центарот на Атина одржаа мирен и масовен протест, јави дописничката на МИА од Атина.
Студентите уште еднаш порачаа дека високото образование мора да остане државно и бесплатно, но и дека не смее дипломите од државните универзитети да бидат со иста вредност со оние од приватните.
Протестите на студентите започнаа на почетокот на јануари и се одржуваат секој четврток, откако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис соопшти дека создаваат рамка за конечно во Грција да функционираат непрофитни, недржавни високообразовни институции.
Министерот за образование на Грција минатата седмица соопшти дека од септември 2025 година недржавните и непрофитни универзитети ќе почнат со работа во земјата, а приемот на студентите ќе се врши исклучиво преку државните испити.
Предлог-законот е ставен на јавна консултација до недела, а потоа се очекува да биде доставен и во Парламентот.