Потребата за итен прекин на непријателствата и војната во Газа, ја истакнаа грчкиот и палестинскиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис и Ријад ал-Малки на нивната денешна средба во Атина и ја повторија нивната позиција за политичко решение за две држави, јави дописничката на МИА од Атина.
Малки во изјавата по средбата говореше детално за ситуацијата во Газа, истакнувајќи дека веќе има над 20-30 илјади загинати, над 70 илјади повредени, инфраструктурата е уништена, а „областа е несоодветна за живеење“.
-Работиме Израел да не ги прошири нападите врз Рафа. Нападот на Рафа ќе значи нови масакри, истакна шефот на палестинската дипломатија.
Додаде дека со Герапетритис разговарале за начините за зголемување на хуманитарната помош и му се заблагодари затоа што, како што рече, секогаш има идеи и предлози, а паралелно ја истакна потребата за иницијативи од меѓународната заедница.
-Треба да има можност да се запре војната, да влезе хуманитарната помош и да се формира Палестинска држава со источен Ерусалим како главен град. Во оваа насока има напори од страна на САД и другите европски земји за формирање палестинска држава, порача Малки.
Шефот на грчката дипломатија истакна дека Грција е „длабоко загрижена за ескалацијата на тензиите во Газа и ширењето кон Западниот брег, јужен Либан, Сирија и Црвеното море“.
-Повикуваме на итен и траен прекин на непријателствата, ослободување на заложниците, отворање на хуманитарни коридори и обновување на виталната инфраструктура во Газа, порача Герапетртис, додавајќи дека Грција осудува секаков облик на терористички чинови и посочи дека Хамас не може да се поистоветува со палестинскиот народ.
Министерот за надворешни работи на палестинските власти Ријад ал-Малки денеска е во посета на Атина, а планирано е да има одвоени средби и со лидерите на ПАСОК и СИРИЗА.