ВМРО-ДПМНЕ секако планира да ја заврши во мандатот клиничката болница во Штип затоа што е потребна, затоа што е ветувана и врз основа на финансискиот капацитет и буџетските параметри ќе пристапиме кон реализација на овој проект, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, одговарајќи на прашање околу ставот на ВМРО-ДПМНЕ за нов клинички центар.

Тој исто така додаде дека откако ќе се видат параметрите во буџетот ќе се одлучи која опција ќе се избере за изградбата на новиот клинички центар, но ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека Македонија мора да има јавно здравство кое ќе одговара на потребите на граѓаните.

„Дали тоа ќе биде клинички центар надвор од постојното место, дали ќе се вратиме на стариот проект за којшто беше потпишан договор кој што беше пет до шест пати со помала цена споредено со оној договор во владата на ДУИ и СДСМ кога беше министер Венко Филипче и тие што го наследија, дали некој нов трет концепт, дали нешто коешто ќе биде нов финансиски модел, тоа откако ќе ги видиме параметрите во буџетот. Затоа што тоа што сега го имаме како параметар е навистина алармантно“, потенцираше Мицкоски.

Тој додаде дека многу е важно да не се повторуваат морбидните скандали коишто се случија за време на владеењето на СДСМ и ДУИ.

„Нашиот став е дека мора да имаме модерно јавно здравство и јавно здравство коешто ќе одговара на потребите на граѓаните. Да не ни се случува Онкологија, да не ни се случува УКРО и сите оние, би рекол морбидни крими состојби коишто таму се случувале на грбот на пациентите. Да не ни се случува грабеж којшто се случуваше со „Стабри“ итн. Тоа е само еден мал дел од индициите со коишто ние располагаме и доказите со коишто ние располагаме“, подвлече Мицкоски и додаде:

Здравството мора да биде согласно потребите на граѓаните, имаме концепт и за тоа зборувавме и на трибината во Штип и ценам дека ќе успееме во сето тоа бидејќи навистина имаме јасен план.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/02/2024 05:10