Лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис заедно со неговиот сопруг, доцна синоќа во ЛГБТ+ клуб во Атина го прослави изгласувањето на законот за истополовите бракови во Грција и на присутните им порача да бидат горди на себе, јави дописничката на МИА од Атина.

Каселакис, кој во октомври минатата година стапи во цивилен брак во САД со неговиот партнер Тејлор Макбет, преку социјалните мрежи соопшти дека ќе присуствува на најавената забава за легализацијата на истополовите бракови, коментирајќи дека тоа „не е мислење, тоа е нашиот живот“, додека пак во текот на вечерта им се обрати на присутните.

-Браво за вас, браво за нас што сме на вистинскиот пат. Продолжуваме натаму, современо општество, современа Грција. Бидете горди на себе, порача Каселакис.

Претходно при пристигнувањето во клубот изјави дека без поддршката од СИРИЗА, законот немаше да биде изгласан.

Грчкиот Парламент кусо пред полноќ со 176 гласа „за“ од пратениците на владејачката Нова демократија и опозициските СИРИЗА, ПАСОК, Нова левица и Курс на слобода гоизгласан законот, со што Грција стана 16-та земја во ЕУ, 37-ма во светот, но и прва православна земја што ги легализира истополовите бракови.

Од вкупно 300 пратеници колку што брои Парламентот, отсутни беа 46, односно гласаа 254, од кои 76 беа „против“, двајца „воздржани“, а останатите го поддржаа законот.

Меѓу оние кои беа отсутни или против имаше пратеници од Нова демократија, СИРИЗА и ПАСОК, кои решија да отстапат од партиската линија.

Од Нова демократија, гласале „за“ 107 од 158 пратеници, односно една третина од пратеничката група не го поддржа законот.

Веднаш по соопштувањето на резултатите, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку Х истакна дека „Грција е горда што стана 16-та земја од ЕУ која ја легализираше брачната еднаквост“ но и дека ја отсликува денешната Грција: „прогресивна и демократска земја, посветена на европските вредности“.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/02/2024 14:18