Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Република Србија Ивица Дачиќ денеска изјави дека 17 февруари, кога еднострано беше прогласена независноста на Косово, претставува ден кога е урнат меѓународниот правен поредок, јави дописникот на МИА од Белград.

-Денес, 17 февруари, е денот кога беше урнат меѓународниот правен поредок и кога беше официјализирана политиката на двојни стандарди во толкувањето на принципот за заштита на територијалниот интегритет на меѓународно признатите држави, членки на Обединетите нации, изјави Дачиќ.

Тој праша и што слави Приштина и на што им честитаат земјите што ја признаа еднострано прогласената независност на Косово, што Народното собрание на Србија го прогласи за правно ништовно.

-Тоа е обид за легализирање на вековното етничко чистење на српскиот народ чија држава е создадена на Косово и Метохија. За тоа знаат 109 земји од вкупно 193 членки на ОН кои не го признаа овој едностран и незаконски чин, рече Дачиќ.

Според него, Приштина во овие 16 години не успеала да добие меѓународно признание, ниту ќе го добие и покрај огромната поддршка на западните сили и злоупотребата на верскиот муслимански фактор.

Тој нагласи дека Србија е посветена на мирот и дијалогот, но дека никогаш нема да ја признае „таканаречената еднострано прогласена независност на Косово“, бранејќи ги на тој начин основните принципи на меѓународното право.

-Истовремено, како што ние го почитуваме територијалниот интегритет на сите земји во светот, очекуваме сите да го почитуваат и територијалниот интегритет на Србија, во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, додаде шефот на српската дипломатија.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/02/2024 18:19