Американскиот државен секретар, Антони Блинкен му ја честита 16-годишнината од независноста на Косово, со порака дека „САД го ценат стабилното партнерство и пријателството меѓу двата народи“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Блинкен ја повтори пораката на претседателот Џо Бајден за Косово од претходниот ден, дека САД го поддржуваат мултиетничко Косово и очекуваат да ги исполни претходно постигнатите договори.
- Додека продолжувате да постигнувате напредок во јакнењето на демократските институции и промовирањето на владеењето на правото, ние ќе продолжиме да го поддржуваме мултиетничко Косово кое напредува во побезбеден и попросперитетен регион. САД го охрабруваат Косово да ги спроведе своите обврски и да чекори напред преку дијалог олеснет од ЕУ, со цел да се постигне сеопфатен договор за нормализација со Србија, на патот кон взаемно признавање на крајот, напиша Блинкен.
Тој нагласи дека САД веруваат оти иднината на Косово е во евроатлантските институции и ги поддржуваат аспирациите дефинирани според Декларацијата за независност и Уставот на Косово „да придонесе за стабилноста на регионот и Европа преку создавање добрососедски односи“.
- На нашиот пријател, партнер и сојузник му ја честитаме годишнината од Независноста, се вели на крајот од честитката на Блинкен.