Секој што ќе се вози по инфраструктурата во Македонија ќе доживее непријатни моменти, дали да внимава на својата безбедност и за безбедноста на другите учесници, дали да бега од одрони, дупки или свлечишта, дали да внимава навечер колку е неосветлена нашата инфраструктура. Ако забележите сигнализацијата на нашите патишта е иста како пред 20-30 години. Никаква модернизација на истото. Може ќе речат од актуелната влада дека тоа е скапо, но ние велиме дека човечкиот живот и безбедноста немаат цена. Затоа прва работа што ќе биде, покрај завршувањето на капиталните проекти ќе биде модернизација и безбедност, рече Синиша Ивановски претседател на Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ на дебатата „Инфраструктурна платформа за иднина“ на тема „Концепт за инвестиции во инфраструктурата“ која се одржува во Кичево.
Ивановски посочи дека наредниот месец се навршуваат десет години од почетокот на автопатот Кичево Охрид. Во тие десет години, за седум години актуелната власт нема 20% направено. Почетната цена на овој проект беше 411 милиони евра, а стигна до 60 милиони евра.
Овој анекс што го направија од 200 милиони никому не објаснија за што е направен, за што тие пари се потрошени. Спомнаа 5 клучки за проектирање, една не гледаме. Ниту почнале, а да не говориме за завршување.
Ивановски се осврна и на железничкиот транспорт и кажа дека сме вратени 200 години наназад. Возовите не се движат заради лошата железничка инфраструктура.
Го укинаа возот кон Кичево, Куманово, Кочани. Инфраструктурата која нема да се користи две години, како што е случајот со Кичево, треба да се реконструира, а тоа се огромни средства. А зошто возовите не се во движење? Затоа што не се сервисирани. За некои работи требаат финансии, ама за да се сервисираш нешто пред се треба волја. Ама заглавени во криминални тендери, последната работа им е дека треба да го реконструираат и одржуваат она што им е дадено како работна обврска. Ете затоа нема возови. Затоа „Скриј се Благој никој да не те гледа“, рече Ивановски.
Тој појасни дека со новите мерки ќе се анулира корупцијата во урбанизмот.
„Кога ќе се стави во системот проектот што сакате да се гради или да се доградува, самиот систем има информации од сите можни институции, кои претходно ќе добијат задача се да дигитализираат и ажурираат. Кога ќе с е стави проектот, тој систем ја гледа висината, габаритот, дали отскокнува од некаде и самиот систем прави корекција. Оние шерифи кои со години се научени со коруптивни работи во општините, веќе ќе ги нема и нема да манипулираат со граѓаните. Официјални лица ќе имаат увид во овој систем и истите ќе бидат побрзи и поевтини во достапност на информациите“, заклучи Ивановски.
На крајот Ивановски посочи дека патниот правец од Извор до Гарски Мост во наредниот мандат ќе биде завршен.