„Во моментов имаме мнозинство во Белград“, изјави денес српскиот претседател Александар Вучиќ во пресрет на утрешната конститутивна седница на Белградското собрание, но не ја исклучи можноста изборите да се повторат на градско ниво, јави дописникот на МИА од Белград.
-Колку што сум информиран, имаме мнозинство за Белград, но постои разлика, изјави Вучиќ во утринската програма на ТВ Прва.
Наведувајќи дека не знае дали за тоа ќе се расправа на утрешната седница, Вучиќ рече дека рокот за избор на нова власт, на претседател на градското собрание и на градоначалник на градот Белград е 3 или 4 март.
-Разговаравме за тоа. Милош (Вучевиќ), Ана (Брнабиќ) и (Александар) Шапиќ пред се. Разговаравме два-три пати. Морам да признаам дека немав време да се занимавам со тоа. Сакав да разговарам со (Бранимир) Несторовиќ, тие не го сакаат тоа и не се однесуваат - според мене - доволно одговорно, тука онака како што мислат тие дека е добро. И тоа е нивен избор, рече Вучиќ.
„Подобро да ја немаме власта, отколку таа да биде украдена“, нагласи Вучиќ и додаде дека има и други одборници, не само тие на Несторовиќ, кои би го поддржале мнозинство на СНС.
-Ние имаме легално мнозинство, не сосема и легитимно, ќе почекаме до 2 или 3 март да видиме дали ќе имаме легитимно мнозинство. Ако го немаме, ќе одиме на нови избори за град Белград, посочи Вучиќ.
Според резултатите од декемевриските избори за град Белград, коалицијата на СНС и СПС нема мнозиство за формирање на власт во градското собрание кои брои 110 одборници. И недостасуваат двајца одборници од останатите партии кои влегоа со свои изборни листи во собранието, а тоа се коалицијата Србија против насилството, коалицијата на Нов ДСС-ПОКС и движењето Ние-глас од народот на Бранимир Несторовиќ.