Грците, кои на европските избори на 9 јуни ќе одберат гласање преку пошта, од денеска можат да се пријават на соодветната платформа, која ќе остане отворена до крајот на април, јави дописничката на МИА од Атина.
Поштенското гласање, кое на крајот на јануари беше изгласано од Парламентот и ќе важи само за европски избори и референдуми, за првпат се воведува во земјата и се однесува на сите грчки граѓани, кои се запишани во избирачките списоци и сакаат да го остварат своето право на глас по пошта, без разлика дали живеат во Грција или во странство.
Грците кои живеат во странство ќе гласаат исклучиво преку поштенско гласање, додека гласачите во внатрешноста на земјата ќе можат да одберат како ќе го остварат правото на глас или на избирачките места како досега или со гласање по пошта, под услов навремено да се пријават, а паралелно не постојат критериуми кои ја ограничуваат конкретната можноста.
Пријавувањето е преку платформа, избирачкиот материјал ќе биде испратен до гласачите на нивната адреса, кои откако ќе гласаат, ќе треба гласачките ливчиња да ги испратат најдоцна до сабота 8 јуни, односно денот пред изборите.
Ковертот со гласачкиот материјал од Министерството за внатрешни работи ќе биде испратен до гласачите најдоцна до 15 дена пред изборите и ќе содржи коверт, гласачко ливче, упатства и сл, а трошоците нема дс бидат на товар на граѓаните.
Министерката за внатрешни работи на Грција Ники Керамеос истакна дека „гласањето по пошта е реформа од историско и национално значење“, но и дека веќе нема да има никаква пречка за учество на сите во изборниот процес.
Законот за поштенско гласање се однесува само на европските избори и на референдумите, а не и на парламентарните избори.