Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување во утринската емисија „Здраво Македонијо“ на Канал 5 истакна дека политичарите кои беа на власт во последните 6-7 години јаваа на бранот на големи ветувања, но иако имаа сосема доволно време доколку имаат волја нешто да променат на подобро, ништо од тоа не се случи.

Тој како пример за тоа дека кога се има волја и знаење, работите може да се менуваат на подобро за многу кратко време, го спомна организирањето за вадење на лични документи од страна на новата постава во МВР

„Еве конкретен пример имаме сега со пасошите. Имаме сега условно кажано нова постава во Министерството за внатрешни работи и ако ништо друго барем редот, она понижување што го трпеа граѓаните, оној метеж кој што беше таму, го нема. Се чека да, но не се чека од наутро до доцна навечер, туку се чека по 10-15 или 20 минути“, потенцираше Мицкоски.

Тој исто така додаде дека тука се поставува прашањето зошто претходното раководство, кога веќе знаеле и презеле обврска, не само што подобро не се организирале врз основа на капацитетот на машините, туку и по преземената обврска продолжиле да издаваат документи за кои сега граѓаните треба повторно да се изложуваат на трошок за менување на истите.

„Зошто претходното раководство тоа не го направило? Зошто кога знаеле и кога преземале обврска дека треба тоа да го направат не направиле план за да ова денеска нас не ни се случи? Затоа што е многу едноставна работата. Капацитетот на машините со коишто се издаваат тие патни исправи е таков да годишно можат да се издадат 500-600 илјади. Ако вие знаете дека треба, еве не повеќе од 2 милиони да издадете, вас ќе ви бидат во идеални случаи потребни 3, 3 ипол, 4 години“, рече Мицкоски и додаде: „Понатаму се поставува прашањето зошто граѓаните коишто ваделе документи во 2019 и 2020 година не извадиле согласно тој договор којшто го прифатиле? Зошто мора сега истите тие граѓани повторно сега ние да ги изложуваме на трошок и повторно да плаќаат? Затоа што некој претходно не постапил соодветно на тоа што го прифатил“.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/02/2024 14:57