Седморангираниот тенисер на АТП листата, 20-годишниот Данец Холгер Руне, ја обнови соработката со својот поранешен тренер Патрик Муратоглу, откако неговиот стручен штаб минатиот месец, по четиримесечен ангажман, го напуштија Борис Бекер и швајцарскиот Дејвис куп селектор Северин Луети.

„Понекогаш мораш да пробаш различни работи за да дознаеш што најмногу ти одговара. Изминатите месеци научив многу за тоа што ми е важно. Со Патрик дојдов до некои од своите најголеми достигнувања и верувам дека може да ми помогне во остварување на моите вели“, порача Руне преку социјалната мрежа Икс.

Со Патрик во стручниот штаб Руне пред 15 месеци го освои престижниот париски Мастерс 1000, совладувајќи го во финалето најуспешниот тенисер на сите времиња Новак Ѓоковиќ.

Муратоглу, од своја страна, изјави дека е возбуден од враќањето во таборот на Руне.

„Се познаваме од неговата 13-та година и отсекогаш верував во неговите можности“, изјави Муратоглу.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/02/2024 06:27