ВМРО – ДПМНЕ ќе победи на изборите и сигурен сум дека ќе формира Влада и тоа на начин што врз основа на принципи и вредности да даде максимум од себе, рече министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски, во „Само Интервју“ на Канал 5 телевизија.
Коментирајќи ја изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи за лошата интепретација на документот, Тошковски рече дека Османи не може да зборува за вакви работи, затоа што не ги разбира и го спореди со скечот од К-15 во кој „султанот“ назначува одговорни лица кои немаат допирна точка со нивното образование.
– Човекот за операции нека зборува, нека зборува за рентген на абдомен, за тие работи може тој да разговара, не може разговара за ова и за тоа сме на ова дереџе на кое што сме…Не сакам да зборувам за правни аргументи. Она што го зборуваше Османи за член 18 од Уставот. Па тој нема право да зборува за член 18 од Уставот, тој не знае што пишува во членот и да го причита не знае да го разбере. Па не му е тоа работа нему, тој треба да оперира. Тој не треба да чита членови од Устав. Па како не му е срам. Сите експерти кои што разбираат уставно право излегоа кажаа луѓето. Доста со импровизации и со неписменост – рече Тошковски, алудирајќи на професијата на Османи, кој е лекар по струка.