Американскиот кошаркар Џон Гилон е новото засилување на МЗТ Скопје, откако денеска потпиша договор со клубот од Аеродром со важност до крајот на сезоната, соопштија од скопскиот тим.
Станува збор за искусен кошаркар кој игра на двете бековски позиции и кој треба да ја пополни празнината по прекинот на соработката на Седрик Расел. Во редовите на скопјани доаѓа од Литванија, каде што настапуваше за прволигашот Пиено, а претходно играше за турска Дарушафака, унгарскиот тим Алба Фехервар и за две екипи од Тајван.
Во периодот помеѓу 2017 и 2019 година бил дел од три екипи од развојната Џи лига, а универзитетската кариера ја минал на три колеџи и тоа настапувајќи за Литл Рок, Колорадо стејт и Сиракјуз.
Неговото деби се очекува на средбата против Феникс закажана за 3 март.