Центарот на Филаделфија 76 ерс, Џоел Ембиид изјави дека има намера да се врати на теренот пред крајот на регуларниот дел од сезоната во НБА.

Ембиид, кој за нешто повеќе од две недели ќе наполни 30 години, моментално се опоравува од операцијата на менискусот на левото колено.

-Планот е да се вратам во игра. Секако, се мора да се одвива како што треба, изјави Камерунецот.

Тој откри дека проблемите со коленото датираат од крајот на минатата сезона, а во декември и јануари непријатноста кај него била многу сериозна, што влијаело на одлуката да се оперира.

Следната недела лекарскиот тим на „сиксерси“ ќе направи прва проценка за состојбата на неговото колено по операцијата на 6 февруари. Сепак, на Ембиид најверојатно ќе му требаат уште најмалку 2-4 недели пред да може повторно да игра кошарка на највисоко ниво.

- Се зависи од тоа како ќе реагира моето тело, особено кога ќе почнат оптоварувањата. Зависи од тоа како се чувствувам. Ако сум добро, ќе се вратам. Но, ако нешто ме мачи, тогаш ќе продолжам со рехабилитацијата колку што е потребно, додаде тој.

Пред повредата, центарот на Филаделфија имаше просек од 35,3 поени, 11,3 скока, 5,7 асистенции и 1,8 блокади по натпревар. Со својот настап, тој беше фаворит на обложувалниците за втора последователна награда за Најкорисен играч и трета последователна награда за Најдобар стрелец.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/03/2024 04:24